Жири за наградата „Кокарче“
Алба Чакали
Алба Чакали е родена и израсната во Призрен. Кариерата во DokuFest ја започнува како програмски асистент, откако прво била волонтерка, а сега ја има позицијата на фестивалски продуцент. Алба била дел од многу културни организации низ годините (RroK, Prizma Medium, Bekim Fehmiu Theater, Zambaku i Prizrenit) и дел од екипите на различни филмови (In Between, Pavend, Home) копродуцирани од DokuFest. Алба е постојано вклучена во оснажнување на младината за какви било предизвици во социјалниот развој преку нејзините ангажмани.
Златко Ѓелески
Златко Ѓелески основно и средно училиште завршил во Кичево, а дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (2010). Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Пишува и објавува музички и филмски рецензии во дигитална и печатена форма за „Плагијат“, „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“ и „Филмски печат.“ Од 2011 година е водител на филмската радиоемисија „Danse Macabre“ на Канал 103. Режисер е на краткометражните филмови: „Од другата страна“ и „Мемоари“ и организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак фест“. Членувал во жири- комисиите на филмските фестивали: „Филмај“, „Мобил фестивал“, Филозофски филмски фестивал, „Флипбук филм фестивал“ и „Синедејс“ каде што има добиено Награда за најдобра филмска критика (2013). Има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ (2013), „Колекционерот на страв“ (2015) и „Понор“ (2019). Неговите раскази се наградувани, објавувани и преведени во неколку балкански антологии. Во 2021 година е објавена неговата прва збирка филмски есеи и рецензии „Видеологија (2019 – 2020)“.
Невена Милашиновиќ
Како дел од тимот на фестивалот „Лајтдокс“ ( Lightdox), Невена е одговорна за дистрибуцијата во Централна и Источна Европа, Азија, Латинска Америка и Африка. Таа го прифатила предизвикот да ги совлада најветувачките и највозбудливи пазари во развој полни со креативност и иновативност. Завршила сликарство на Уметничката академија во Бања Лука, Босна и Херцеговина и магистрирала сценски дизајн на Академијата за музика и изведбена уметност „Јаначек“ во Брно. Невена работела во дистрибуција на документарни филмови од 2015 година, фокусирајќи се на VOD (систем за филмска дистрибуција) и на фестивалска дистрибуција.