Жири за Наградата за етички идеи
Жири за Наградата за етички идеи
АНДРЕАС ЈУНСЕН
Режисер. Самоук филмаџија. Од 2003 година Јунсен самиот ги режира, продуцира и финансира своите филмови, од почеток до крај. Јунсен се фокусира на општествените прашања и разликите во светот. Познат е по филмот „Убиство“ (2009), приказна за жените што се под ризик и страдаат од строгата забрана за абортус во Никарагва. Спојувајќи ја уметноста со прашањата за човековите права, филмот „Лажниот случај Аи Веивеи“ (2013) нè зближува со дисидентскиот кинески уметник Аи Веивеи, а преку „Животот на Кид“ (2012) нè запознава со данскиот рапер и ѕвезда на Јутјуб, Николас Вествуд Кид. Во „Човекот Оман“ (2008) ги разгледува сексот и родовите односи во Јамајка преку културата на денсхолот, а во „Бубачки“ (2016) главна тема се инсектите како храна, особено откако ОН препорачаа инсекти како еден од ресурсите за борба против гладта во светот.
______________________________________________________________________
СЕРЏО ТРЕФО
Серџо Трефо е роден во Бразил, од мајка со француско-италијанско потекло и татко Португалец. Магистрирал филозофија на Сорбона и почнал да работи во Лисабон како новинар, а потоа како продуцент и филмски режисер. Неговите филмови (документарни и играни) се наградувани со интернационални награди и се прикажувани во повеќе од 50 земји. Неговиот последен игран филм „Невестата“ (A Noiva), во кој се портретира една млада вдовица на џихадот, имаше премиера на Венецискиот филмски фестивал во 2022, во конкуренцијата „Хоризонти“ (Orizzonti Competition) и ја доби специјалната награда „Нови бранови“ (New Waves Special Prize) на Филмскиот фестивал во Севилја. Прикажувањето на „Невестата“ во француските кина беше под името „Таа се вика Барбара“ (Elle s’appelle Barbara).
Избрана филмографија: „Друга земја“ (Outro País, 1999), „Флорет“ (Fleurette, 2002), „Лисабонците“ (Lisboetas, 2005), „Градот на мртвите“ (The City of the Dead 2009), „Патување во Португалија“ (Viagem a Portugal, 2011), „Антелехо, антелехо“ (Alentejo, Alentejo, 2014), „Треблинка“ (Treblinka, 2016), „Бес“ (Raiva, 2018), „Рај“ (Paraiso, 2021), „Невестата“ (A Noiva, 2022).
______________________________________________________________________
ВАСКО МАГЛЕШОВ
Васко Маглешов (роден во 1985) дипломирал светска книжевност. Магистрирал нa Институтот за социологија во Скопје. Петнаесет години работи како новинар во повеќе телевизии и онлајн медиуми. Во 2014 година е награден за најдобра филмска критика на Фестивалот за европски филм „Синедејс 2014“. Бил член на жири-комисија во програмата на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ 2012, на жирито за филмска критика на „Синедејс 2015“ и на Филозофскиот филмски фестивал 2022.
Од 2016 година објавува филмски рецензии и интервјуа со режисери, актери и филмски работници за специјализираното филмско списание „Филм плус“ и во неделникот „Филмски печат“. Известувал од повеќе домашни филмски фестивали. Одржувал работилници за пишување филмска критика во 2018 година во Младинскиот културен центар и во 2021 година преку програма за млади на Eвропската Унија.
Член е на Здружението за филм и филмска едукација „Крацери“.
Моментално работи како новинар во Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).