Изложби
Снопче светлина низ леќата, поезија од реалното
Соработка на „МакеДокс“ и Институтот по биологија на Природно-математичкиот факултет
Ни се трага и сонува, да. Па зар може нешто поубаво да си посакаме додека престојуваме на овој свет? Постојат времиња кога едвај се пофаќа сè што нуди реалноста околу нас – мириси, бои, звуци, вкусови, текстури, струи, смеа и плач, погледи, светлина, темница, празнина, пркос, пропаст, спокој, топлина, студ. Носи како виор и тера… Чувствуваме, окото не се заситува, умот не мирува, телото не се уморува. Трагаме, се прашуваме што има зад видливото, кој зборува преку гласовите, што се крие под овие површини. И најпосле, што со сета таа жизненост? Некои ќе речат камерата в раце и одам да снимам! Други ги фаќаат перото или четката в раце (читај лап топот) и глава не креваат со денови, трети го толкуваат светов низ звуци и гласови…
А што е со љубопитните научници, оние души жедни за набљудување и експериментирање со парчињата стварност? Оние кои со безрезервна посветеност го преведуваат светот во своите лабораториски простории, па нè оставаат подзинати, нè чудaт, воодушевуваат, згрозуваат и скоро секогаш спасуваат. Каква радост што ја имаме науката! Кога човек е научно писмен, го гледа светот низ поинаква призма, проникнува во слоевите на големата приказна. Приказната на човештвото е приказна за идеи, снопчиња светлина што продираат во темнината.
Една таква приказна е и годинешната соработка на Иститутот по биологија на Природно-математичкиот Факултет (ПМФ) во Скопје и „МакеДокс“ кои заедно го создадоа визуелниот идентитет на 11-то фестивалско издание. Преку прикажување на микроскопски слики од кромидот и неговата внатрешност, нашите креативни соработници од ПМФ нè поведоа во нивниот фантастичен, за нас речиси непознат свет и уште еднаш нè потсетија зошто токму кромидот е симболот – светилник на нашата документарна приказна.
Започнуваме разговор за лeќата, малото стакленце кое во 17-от век прави цивилизациска револуција со тогашните новопронајдени оптички инструменти и од корен го менува свето(гледo)т и дотогашните сознанија. Драго ни е што можеме да го споделиме восхитот иако навидум стоиме едни спроти други во однос на интересите и професионалните профили. Светлината низ нашата филмска леќа ги зграпчува сликите живот пред нас, покажува нов слој над и под слоевите, уште една приказна за раскажување. Зракот низ микроскопската леќа продира подлабоко, го растерува облакот над видливото, трогнува мислата за сјајот на човечкиот ум кој од дамнина се стреми да осветлува други, непознати димензии.
Завршува дискусијата за леќите, се враќаме во Чаршија, спориме па бараме дефиниција. Речникот вели вака – леќа, проѕирно тело заградено со две мазни сферни површини или една сферна, а друга рамна. Леќа, прозирно тело низ кое се прекршуваат зраци светлина. Светлина, нека заоѓа само за да сонуваме.
Каква радост што ја имаме науката, каква радост што го имаме филмот!