Фестивалски соработки
Нов визуелен свет без ограничувања и граници
Поврзувањето, размената на идеи и позитивна енергија, како и градењето соработки секогаш претставувалe голем предизвик за луѓето, а уште повеќе сега кога физичките граници сè повеќе се затвораат, а виртуелниот простор отвора нови прозорци за поврзување со светот, особено оној детскиот, кој секогаш е свеж и подготвен за нови форми на комуникација и инспирација, за да изнајде нови сфери на спознавање и создавање.
Ни оваа година нема да ги заборавиме нашите најмали и најмили, љубопитните детски очи желни за игра и откривање на нови светови, па во програмските содржини на 11.МакеДокс ќе вклучиме и програма за деца и млади. Идеите, желбите и соништата непречено ќе патуваат од Кавказот преку Балканот до нордиските земји. Во соработка со нашиот сестрински фестивал „АјсДокс“ од Исланд, нашите стари пријатели „СинеДОК“ од Тбилиси, Грузија и еден од најзначајните европски фестивали на анимираниот филм „Аниматека“ од Словенија, се обидовме да искреираме нов визуелен свет без ограничувања и граници.
Се надеваме дека ќе успееме да ја задоволиме детската потреба за нови визуелни доживувања и да им го задржиме вниманието, дури и преку нашата дигитална фестивалска платформа на која сме сигурни дека лесно ќе се снајдат, па дури и ќе им ја покажат на своите родители, баби и дедовци.