Музика на МакеДокс
Музика на МакеДокс
Еве веќе деветта година како од мода не излегува играњето на отворено! Куршумли-ан ни е најубавиот подиум, небото над него најубавиот поглед, а енергијата меѓу телата топла, добронамерна, ослободена. Ех, кога не би се разденувало…
За годинава подготвивме низа етно-џез изненадувања, а отвораме со „Џими Барка експириенс“.
„Џими Барка експириенс“ е ритмичко ремек-дело од Љубљана составено од два диџеи и еден тапанар. Наречен по Џими Барка, ликот што Драган Николиќ го играше во „Кога ќе бидам мртов и бел“, овој состав првпат се појавува во 2010 година.
Неговите членови – диџеј Бакто, диџеј Борка и Марјан Станиќ – имаат различни музички вкусови, но сите нив ги спојува комбинацијата од тапани во живо и електронски семплови. Од сето тоа излегува микс од фанк, брејкбит, балкански ритми, рок и африкански звуци, придружен со моќни изведби во живо – ептен погоден за диво играње.