FestDocsNetwork
Нема подобар момент од овој за да се отпочне нова соработка со веќе препознаени европски фестивали од Германија, Франција, Шпанија.
Фестивалите се простор каде што се слави животот и се раѓа креативноста, каде што се разменуваат мислења и идеи и никнуваат соработки. Без фестивалите, филмаџиите не би можеле да си ја запознаат публиката. Со оглед на тоа што филм не се прави прекуноќ, филмските фестивали се важни зашто го препознаваат успехот на режисерот и го заокружуваат филмскиот процес.
Токму затоа е неопходно да се градат и негуваат силни фестивалски врски, а уште повеќе во време на општествена криза. Сега треба да се држиме поцврсто, да си помагаме едни на други и да ја поддржиме филмската уметност. Во моментов, една таква мрежа е токму Мрежата на документарни фестивали која ни помага да го извлечеме најдоброто од онлајн фестивалското издание и да ја свртиме новата реалност во наша корист. И не само тоа. Ни овозможува и да соработуваме со документарни филмаџии од далечни краишта, кои ќе ги запознаат европските стварности со сите нивни разлики.
Мрежата на документарни фестивали се оформи спонтано, меѓу германскиот „Док.фест Минхен“, францускиот „Фипадок“ од Биариц, шпанскиот „ДоксБарселона“ и нашиот „МакеДокс“, кои решија да здружат креативни сили и разни фестивалски искуства за да можат да ги прикажат на белото платно различните реалности од Франција, Шпанија, Германија и Балканот, и тоа пред публика која ретко има можност да види нешто такво. Токму затоа ќе прикажуваме филмски приказни локално, но и отаде границите за да стигнеме до публиката во руралните и други урбани средини.
Преку оваа соработка се зајакнуваат нашите фестивалски маркети и се отвораат можности за копродукција на документарни филмови. Затоа сите три фестивали ќе ги вклучиме во форумот „КоПроДокс“ и ќе разговараме за идните планови како мрежа. А размената и прикажувањето филмови од секоја земја и меѓусебното гостување на фестивалите би бил следниот логичен чекор.