Ние сме визуелни
„Ние сме визуелни! Едукација и визуелизација на човековите права“ е приказна во два дела. Во првиот нè интересираше како да ги доближиме филмовите до наставниците и учениците на возраст од 12 до 16 години, па со поддршка од Извршната агенција за едукација, аудиовизуелни уметности и култура на Европската Унија (ЕАЦЕА) публикувавме комплет од 12 документарни филмови и прирачник за работа со нив во формалното и неформалното образование. Минатата година го завршивме и вториот дел од оваа приказна: обучивме 139 наставници и членови на здруженија кои оваа програма ја спроведуваат во 114 училишта и здруженија во 56 градови и села низ земјата. Приказната ја заокруживме на крајот на 2017 година со меѓународната конференција „Аудиовизуелно образование – иднина или сегашност“ на која дојдоа стотина учесници, меѓу кои и 80 наставници и ученици, за да ги споделат искуствата и потребата од аудиовизуелни содржини во образованието.