Мастеркласови
Мастеркласови
Мастерклас со Столе Попов
“БЕКНИ БЕ, ЌЕ МИ СНЕМА ЛЕНТА”
Модераторка: Илинденка Петрушева
Датум: 17 август 2024 г.
Време: 11 – 13 ч.
Локација: Лабораториум
Во светот на филмот, величината на режисерот се остварува низ неговите визии, иновации и
способноста да ги воведе гледачите во нови светови. Столе Попов е режисер којшто со своето
уметничко кредо и креативност го обликува величието на филмот. Неговите филмови го менуваат начинот на кој го гледаме и разбираме светот околу нас. Столе Попов останува водечка фигура на современата кинематографија, во полна смисла на зборот, инспирирајќи ги следните генерации креативци, режисери и љубители на филмот. Сите негови филмски остварувања остануваат врежани во срцата и меморијата на гледачите, оставајќи трајни отпечатоци во културата и историјата на кинематографијата.
Столе Попов е роден во 1950 година во Скопје, НР Македонија. Во 1973 година дипломира филмска режија на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Во текот на студирањето има снимено 10 краткометражни студентски филмови.
Од 1978 до 1988 година работи како режисер во „Вардар филм“, а од 1985 до 1986 година ја врши должноста директор на таа филмска куќа. Од 1989 година работи како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и е раководител на катедрата по филмска режија.
Еден е од основачите на првото приватно претпријатие за производство на филмови „Триангл“ во 1988 година. Од 1997 година е член на Европската филмска академија. Добитник е на повеќе од 50 врвни европски и светски филмски награди и признанија, од кои посебно се издвојуваат 8-те гран-прија на разни фестивали и повеќето номинации за „Оскар“ на Американската и за „Феликс“, на Европската филмска академија.
Уште со своите први филмови (значи, оние од Академијата за филм во Белград) беше јасно дека ефектуираната способност на Столе Попов за таканареченото „филмско размислување“ во иднина ќе се најде пред бројни творечки предизвици. Така и бидна…! Своето чекорење во филмскиот свет го започна со документарни филмови. И тоа – извонредно. Вклучително и нарачаниот документарец АЛКАЛОИД (1974), еден од најуспешните филмови од тој вид на тогашниот југословенски простор. Во истата таа година (1974) Попов го реализира и документарниот филм ОГАН, кој претставува една несекојдневна поема на трудот и на анонимната прометејска љубов, филм закитен со бројни домашни и странски освоени награди, меѓу кои и југословенски кандидат за „Оскар“.
Во 1976 година го реализира документарецот АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА и го потврди богатството на талентот кој во овој филм прераснува во аналитичар и раскажувач за светот на нашите иселеници во Австралија. И овој филм се закити со врвни светски награди и… повторно југо-кандидат за „Оскар“.
Во 1979 се појавува ДАЕ. Триумф што го доведе пред прагот на „Оскарот“ (номинација за „Оскар“, еден од петте најдобри светски документарци) и му го трасира патот до успесите во играниот филм. Во овој филм особено доаѓа до израз многустраната иконографија како извор на инкарнација на романтичното и без огради разбирање на животот.
Во 1981 година го снима играниот филм ЦРВЕНИОТ КОЊ, игран првенец (тоа е историски факт), кој во никој случај не е „дебитантско“ дело по своите несомнени драмски и визуелни квалитети. Треба да се каже дека со овој филм авторот продолжува една важна и добро позната традиција во македонската играна продукција, која се фокусира на современата македонска книжевна област. Филмот се базира врз истоимениот роман на познатиот прозаист Ташко Георгиевски и го истражува животот на прогонетите членови на ДАГ (Демократска армија на Грција). Во овој филм е направена една извонредна визуелна реконструкција на времето и амбиентот низ кои поминува главниот јунак.
И секако, како што е вообичаено – јавноста со нетрпение го очекува вториот филм од автор што со својот прв игран филм постигнал значителен успех… Вториот филм претставува испит за авторот.
Во 1986 година Попов го снима СРЕЌНА НОВА ’49, најдоброто југословенско остварување од тековната продукциска година. Тоа го потврдуваат и освоените награди. Режисерот Попов, со овој филм, ја потврди сопствената длабока креативна заинтересираност за визуелен третман на човечките судбини стегнати во историските собитија на овие наши простори. Милош Форман за „Вјесник“ ќе каже: „Длабоко сум трогнат од СРЕЌНА НОВА ‘49. Режисерот маестрално води одлични актери. Ова е апсолутно импресивно достигнување…“
Во средината на 1991 година го снима ТЕТОВИРАЊЕ. Режисерот Попов, и од содржински и од формален аспект, супериорно го гради овој свој трет по ред игран филм. Битно е да се цитира Роналд Холовеј: „На интернационалната фестивалска сцена, исто така, драматична беше и ситуацијата околу филмот ТЕТОВИРАЊЕ на Столе Попов, првиот игран филм под знамето на новосоздадената држава Македонија“.
Во 1997 година го реализира филмот ЏИПСИ МЕЏИК и преку живата блескавост на боите и фотогеничните ликови, Столе Попов ја развива приказната околу Ромите со нивниот прекрасен колорит. Но, неговиот универзален предмет на интерес се угнетените, заборавени херои на улицата, за кои дознаваме само од вестите и некролозите…
Во 2014 година го реализира и своето засега последно остварување, играниот филм ДО БАЛЧАК по сценарио на Горан Стефановски. Овој филм претставува историска и спектакуларна љубовна приказна. Тоа е истовремено сурова, романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на поединецот, кој е сместен во времето и просторот од почетокот на дваесеттиот век.
Една од основните задачи на Кинотеката на Македонија е филмовите од националната продукција трајно да ги заштити и да ги направи достапни за широката културна јавност. За таа цел, во 2011 година, во годината кога Кинотеката го славеше својот 35-годишен јубилеј, првпат реализиравме проект за дигитална реставрација на македонски филмови. Во проектот беа опфатени 7 филма на режисерот Столе Попов, играните ЦРВЕНИОТ КОЊ, СРЕЌНА НОВА ‘49, ТЕТОВИРАЊЕ и ЏИПСИ МЕЏИК, како и документарните филмови ОГАН, АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА и ДАЕ. Сите реставрирани филмови беа префрлени на ЛТО4 ленти, за нивно архивирање, како и за изработка на нов дубл-негатив и нови филмски копии.
На крај, би сакал да нагласам дека да се родиш и да живееш во Македонија, а да не си ги погледнал филмовите на Столе Попов можеби е исто како да си се родил и живеел во една древна цивилизација како што е Египет и никогаш да не си се запознал со величествените пирамиди. Ако не за нешто друго, барем да се соочиме за миг со нашето незнаење, како и интелектуална ароганција понекогаш, а истовремено да бидеме дел од едно огромно културолошко и големо светско цивилизациско заедништво.
– Арсим Љесковица
Мастерклас со Инеке Смитс и Јероен Стаут
„ЗВУЦИ И СЛИКИ ОД ВТОРА РАКА“
Датум: 18 август 2024 г.
Време: 11 – 13 ч.
Локација: Лабораториум
Филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут споделуваат како се запознале, нешто повеќе за својата заедничка љубов за луди земји, за својата соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики. Во текот на предавањето ќе прикажат и инсерти од своите досегашни филмски и радио проекти.
Биографии на предавачите:
Инеке Смитс
По дипломирањето фотографија и визуелна уметност, Инеке студира филмска режија и пишување сценарио на Националната школа за филм и телевизија во Англија, каде што и магистрира во 1994 година. Во 2001 година нејзиниот прв и наградуван игран филм „Магонија“ премиерно се прикажува на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто. Следната година добива стипендија во рамки на берлинската Програма „Нипков“ за да го развива својот втор игран филм „Авијатичарката од Казбек“, кој ќе го затвори Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам во 2010 година. Во периодот од 1998 до 2019 година, Инеке ќе напише и режира седум успешни документарци, меѓу кои се и: „Мамичката на Путин“, „Транзит Дубаи“ и „Малиот човек, времето и трубадурот“. Сите биле прикажани на Меѓународниот документарен фестивал во Амстердам, како и на други меѓународни фестивали.
Инеке е обучувачка и предавачка, која работи и како советник во разни фондови и организации. Живее и работи во Холандија и во Грузија како продуцентка во компанијата за филмска продукција „Нуши филмс“ со седиште во Тбилиси.
Јероен Стаут
Јероен Стаут дипломирал политички науки на Универзитетот во Амстердам во 1993 година. Ја отпочнува својата кариера како новинар и филмски критичар на Холандскиот национален радиодифузер НТР во Радио 1. Истовремено остварува неколку радиодокументарци за НТР и радиостаницата ВПРО. Во последниве години, Јероен се остручува во областа на радиодрамата, звучните тури и инсталации и во снимањето звуци за филм. Во 2006 година ја освојува Наградата на Италија за радиодрамата „Ли де Форест – духот на пионерот“. Како иницијатор, режисер и главен писател, во 2009/2010 година го предводи тимот сценаристи и го режира серијалот „Чекан“ (De Moker) за Радио 1, кој содржи 70 епизоди. Во 2014 година следува вториот серијал, „Пајакот“ (The Spider). По нарачка од Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, го пишува и режира „Улиште“, звучна тура низ една од населбите во Ротердам, заедно со други звучни инсталации. Покрај ова, Јероен е одговорен уредник во културниот магазин „Пластика“ (Kunststof) на Радио 1 и застапник за холандската документарна ТВ-програма „Часот на волкот“ (Uur van de Wolf).