Жири за наградата „СЕЧКАН КРОМИД“
Жири за наградата „СЕЧКАН КРОМИД“
ИНЕКЕ СМИТС
По дипломирањето фотографија и визуелна уметност, Инеке студира филмска режија и пишување сценарио на Националната школа за филм и телевизија во Англија, каде што и магистрира во 1994 година. Во 2001 година нејзиниот прв и наградуван игран филм „Магонија“ премиерно се прикажува на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто. Следната година добива стипендија во рамки на берлинската Програма „Нипков“ за да го развива својот втор игран филм „Авијатичарката од Казбек“, кој ќе го затвори Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам во 2010 година. Во периодот од 1998 до 2019 година, Инеке ќе напише и режира седум успешни документарци, меѓу кои се и: „Мамичката на Путин“, „Транзит Дубаи“ и „Малиот човек, времето и трубадурот“. Сите биле прикажани на Меѓународниот документарен фестивал во Амстердам, како и на други меѓународни фестивали. Инеке е обучувачка и предавачка, која работи и како советник во разни фондови и организации. Живее и работи во Холандија и во Грузија како продуцентка во компанијата за филмска продукција „Нуши филмс“ со седиште во Тбилиси.
ИЕВА УБЕЛЕ
Иева Убеле има широко портфолио кое опфаќа продукција на документарни филмови со фокус на социјални и еколошки прашања. Од 2019 година, таа води своја продукциска куќа, „Балтик балкан продакшнс“ (Baltic Balkan Productions), посветена на продукција и копродукција на филмови со моќни лични наративи и општествени прашања. Од 2020 до 2023 година, таа била одговорна за програмата за индустрија на фестивалот „Белдокс“ (Beldocs) во Србија. Од јануари 2024 година, ја презела улогата на форумски продуцент во „Балтик си докс“ (Baltic Sea Docs) во Рига, Латвија. Покрај нејзината улога во управувањето со продукциските и индустриските настани, Иева е и експертка во областа, дејствувајќи како менторка на настани за обука за документарен филм, вклучително и на „Агора лаб“ на Меѓународниот фестивал за документарен филм во Солун (Thessaloniki International Documentary Film Festival), „Бидиси дискаверис“ (BDC Discoveries) и „Исодок“ (ESoDoc).
МАРТИНА ДРОАНДИ
Мартина Дроанди е агентка за продажба на документарни филмови и во моментов ја основа ДисФлимс (DysFlims), продажна компанија специјализирана за дистрибуција на документарни филмови. Претходно, четири години работела во Аутлук филмсале како менаџерка за набавки и продажба, веднаш откако го завршила стажот во мк2 Филмс. Магистрирала режија на документарен филм (ДОКНОМАДС) и дипломирала социјална антропологија и музика. Таа е алумни на едногодишната образовна програма „Ателје Лудвигсбург“ – Париз и на Академијата за филмска индустрија во Локарно.