Мастеркласови
Мастерклас со Хелена Тшештикова
почесна гостинка на „МакеДокс“ 2022
РАЗГОВОР ЗА ИДЕИТЕ ВО ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ
Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повеќе од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм.
Михаил Железников
Во текот на мастеркласот, Тшештикова ќе зборува за:
- потеклото на идејата за ваквиот начин на работа
- како да ја изберете темата на филмот
- како се поставува хипотеза на почетокот на работниот процес
- прв проект – први чекори на непознат терен
- работата во процесот на монтажа
- трагање по филмски форми
- финансирање на тајм-лапс документарци
Разговорот ќе го води Туе Стен Мулер.
Една од најважните чешки документаристи, Хелена Тшештикова имa режирано околу четириесет филмови откако дипломирала на прашката филмска школа ФАМУ во 1974 година. Таа долго време работела во чешката телевизија, која ја финансирала хит- серијата „Брачни приказни“ (1987) каде што се прикажани седумгодишни портрети на млади брачни парови. Шесте епизоди од серијата се спој од социологија, демографија и „синема верите“, издигнувајќи ја локалната популарност на режисерката. Во 2006 година следува продолжение на серијата „Брачни приказни – 20 години подоцна“ каде што се прикажани животите на паровите подоцна. Двете серии го прикажуваат методот на работа својствен за Тшештикова, познат како тајм-лапс.
За време на работата во чешката телевизија, Тшештикова се интересира за женските ликови, режирајќи неколку портрети на жени со трагични животи. Понижената актерка во „Слатко-горки сеќавања“ на Лида Баарова (1995), затворените противници на комунизмот во „Слаткиот век“ (1998), жртвата на нацизмот и сталинизмот во „Хитлер, Сталин и јас“ (2001) и преживеаната од концентрациониот логор во „Мојата среќна ѕвезда“ (2004) – сите овие ликови ги раскажуваат своите лични истории, осакатени од тоталитарните идеологии на 20 век. Тшештикова станува меѓународно позната со својата последна трилогија портрети (Марисол, Рене, Катка), снимена во доцните 2000-ти. „Рене“ ја добива престижната награда за Најдобар документарен филм на Европските филмски награди во 2008 година. „Катка“ освојува две награди на Меѓународниот фестивал за документарен филм во Монтреал во 2010 година, вклучително и за најдобра монтажа. Во овие три портрети на отпадници од општеството, снимени во период од десет до дваесет години, режисерката се фокусира повеќе од кога било на континуитетот во текот на времето, трпеливо градејќи приказни и чекајќи животообразувачки настани. Трилогијата ја истакнува и сложената врска меѓу Тшештикова и ликовите, особено онаа со Рене, каде што нејзиниот сопствен живот станува сè повидлив. Режисерката продолжува со тајм-лапс методот и во своите подоцнежни дела, како во „Приватен универзум“ кој опфаќа 37 години од животот на едно семејство. Во последните неколку години, делата на Хелена Тшештикова се дел од ретроспективите на повеќе значајни фестивали, вклучувајќи го и Меѓународниот фестивал на независни филмови во Буенос Аирес, Аргентина, Солунскиот документарен фестивал, Грција и Меѓународниот фестивал за документарен филм во Монтреал.