Жири за наградата „КРОМИД“
Жири за наградата „КРОМИД“
Марк Едвардс
Марк Едвардс е продуцент и водител со 30-годишно искуство во индустријата. Кариерата ја започнува во Њујорк во 1990-тите години, надгледувајќи ја постпродукцијата на 10-часовна документарна серија за историјата на американската кинематографија.
Од 1995 година живее во Париз. Четири години бил директор на Фондацијата „Шоа“ (основана од Стивен Спилберг) во Франција пред да почне да работи низ Европа како независен продуцент. Во 2012 година се приклучува на француската „АРТЕ“ како раководител за меѓународни копродукции.
Во 2021 година бил назначен за директор на Одделот за документарни филмови во Европа во „Нетфликс“. Во улогата на радиодифузер, стои зад програмското уредување и нарачувањето на над сто документарни филмови и серии. По заминувањето од „Нетфликс“ во 2024 година, продолжува да работи како независен продуцент и медиумски консултант. Има големо искуство како предавач по документарна продукција и пишување и е член на неколку различни филмски комисии.
Џејмс Берклаз-Луис
Од 2023 година, Џејмс Берклаз-Луис е програмски раководител на Филмскиот фестивал „Визии за реалноста“ (Visions du Réel) во Нион и истовремено го води Програмскиот оддел на Меѓународниот фестивал на забавни филмови во Веве. Во досегашната кариера има работено како главен координатор на Меѓународниот филмски фестивал и форум за човекови права во Женева (2016 – 2020), по што бил дел и од програмскиот тим на Меѓународниот фестивал на фантастични филмови во Нушател сè до 2023 година.
Покрај ова, соработувал и со Меѓународниот филмски фестивал во Женева и со Феминистичкиот мултидисциплинарен фестивал „Креативки“ (Les Créatives) и бил дел од кампањата за швајцарскиот закон „Ле Нетфликс“ заради воведување реформи во националната медиумска политика.
Маргарита Арсова
Маргарита Арсова е продуцентка во културата и проектна менаџерка со богато искуство во организација на фестивали и управување со културни настани.
Од 2010 година таа е составен дел од Младинскиот културен центар (МКЦ), придонесувајќи за неговиот развој како едно од водечките културни места во Европа. Таа е извршна продуцентка на Фестивалот на европски филм СИНЕДЕЈС, каде што е одговорна за програмата, финансирањето и вклучувањето на публиката, а има значајна улога во подигнувањето на меѓународниот углед на фестивалот. Дополнително, таа е и ко-кураторка на програмата на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ, кој е посветен на иновативна музичка програма.
Надвор од фестивалските активности, Арсова има водено различни културни иницијативи, меѓу кои и управување со меѓународни проекти како SCENERGIES и „Big Time Takeover“, со кои се поттикнуваат уметничката соработка и вклученоста на младите. Исто така, има придонесено во театарската и филмската продукција како членка на Управниот одбор на Турскиот театар – Скопје и коменаџерка на „Art Project Lab Skopje“.