МакеДокс Патувачко кино 2022
Пристигна оној дел од годината посветен на најубавите, безгрижни летни распусти кај баба на село. Ќе го натовариме нашето магаренце со приказни и ќе се упатиме во прегратките на Беласица и Огражден, да здробиме малку кромид со најпознатите пиперки.
Почнуваме од селото на две реки, Турија, на исток, и Струмица на запад. Продолжуваме во подножјето на Еленица, помеѓу Плавуш и Смрдеш во некогашно Палеокастро каде се плетеле кошници и печеле грнени садови.
Одиме во зелен спокој каде ќе уживаме во румени домати, лубеници, дињи, но и во праз на кој му е посветен еден цел фестивал во комшии.
Продолжуваме во селото на војводите, „селото на осамената куќа“, комшија на Еднокуќево, а по него кај Босилко. По течението на Гарлиева чешма крај ендемските папрати ќе завршиме со приказните крај водопадите, во селската идила крај чардаците со Габровчани.
Магаренцето ќе носи приказни, но и ќе собира. Ќе собира приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од XX век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одекот на македонскиот пет вековен крик- приказната за првото модерно киднапирање во светот.
Распоред на проекции:
18.07. – Пиперево
19.07. – Вељуса
21.07. – Моноспитово
22.07. – Босилово
23.07. – Габрово
Проекциите се бесплатни и почнуваат во 21 часот.
Патувачкото кино на МакеДокс 2022 е подржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Општина Струмица, Општина Босилово и Општина Василево.
#КајБабаНаСело
