Награди
Награди
НАГРАДА „КРОМИД“ – „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ
За прецизноста на избраната дистанца, измерена со извонредна грациозност; за откривањето на една невидена страна на македонското општество; за прекрасната кинематографија што се движи со тивка и маѓепсувачка намера; и за изненадувачката перспектива за родовата еднаквост во една рурална заедница, жирито едногласно гласаше за филмот „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ.
НАГРАДА ЗА НАЈДОБРИ ЕТИЧКИ ИДЕИ – „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар
Овој филм го отелотворува духот на моралното филмско творештво во услови лишени од морал. Тоа е најитниот филм, зашто со телесна сила покажува дека борбата на палестинскиот народ против тоа да биде истребен е борбата на човештвото за својата душа.
„Ниедна друга земја“ нѐ вовлекува уште од првите кадри и не нѐ пушта. На крајот, се чувствуваме како дел од животите на семејствата и растојанието помеѓу гледачите и протагонистите исчезнува. Заедно со заедницата од Масафер Јата доживуваме мака, збунетост, очај, гнев, отпор и надеж против надежта. „Ние градиме за вас, а вие уништувате за нас“ е една многуте незаборавни реплики – зашто ова е филм каде секоја реченица ѕвони со вистината на преживеаното искуство.
Филмот произлегува од соработка меѓу двајца активисти што станале филмаџии. Заедничката камера станува алатка за преживување и отпор. Таа ја враќа реалноста додека милитаризираната држава ја уништува реалноста. Тоа уништување е толку болно што само пријателството меѓу двајцата главни протагонисти носи олеснување – и нацрт за единствената возможна иднина.
„Ниедна друга земја“ е документарна мајсторска лекција за тоа како еден микрокосмос може да ја осветли големата слика. Овој филм е акција што ни покажува дека интелигентното и конструктивно дејствување е единствениот начин за промена, со зборовите на Басел Адра, на оваа страшна реалност. Можеме да ја смениме само ако се обединиме со храброста, трпението и љубовта што биле движечката сила при создавањето на овој суштински важен филм.
Морин Принс, Мира Гаќина, Капка Касабова
НАГРАДА „МЛАД КРОМИД” – „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ
МакеДокс е фестивал посветен на посветен на креативноста во документарниот филм. Вечерва чествуваме едно дело што го отелотворува тој дух — филм што се осмелува да си игра, да провоцира, да се смее во лицето на темнината. Преку хумор и забава, тој се соочува со застрашувачкото враќање на фашизмот, разобличувајќи го токсичното кредо: „Ако не си со нас, тоа значи дека си против нас.“
Авторот вдахнува живот во старите фотографии со современи алатки како што е вештачката интелигенција, оживувајќи сеќавања и емоции од минатото. Ликовите и нараторите се менуваат на разигран начин, локалната заедница учествува со автентичност, а целата приказна се развива низ призмата на сатирата. Филмот е инвентивен, смел и жив.
Наградата „Млад кромид“ му се доделува на филмот „Фиуме или смрт!“.
НАГРАДА „МЛАД КРОМИД“ – ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ – „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар
Жирито ја објавува оваа посебна награда со тешко срце и длабока почит. Ова не е само филм за еден од најголемите злостори на нашето време — тој е и сведоштво за храброст. Да се уловат тие слики додека се пука, да се исцртаат нежни портрети на пријателство среде насилство, да се продолжи со снимање дури и кога кога молкот е побезбеден… ова е документаризмот во неговата најсуштинска форма.
Ова е приказна за истрајноста, за човечките врски што одбиваат да бидат раскинати, и за храброста што се спротивставува на силите на угнетувањето додека светот го врти погледот — додека се одвива геноцид врз палестинскиот народ.
Оваа награда му се доделува на филмот „Ниедна друга земја“.
Постои и болна иронија. По децении независност изградена врз идеалите на хуманоста и отпорот, надвор од сите политички поделби — и кај христијаните и кај муслиманите, и кај либералите и кај конзервативците — Македонија останува единствената земја во Европа што ниту ја има признато палестинската државност, ниту воспоставено дури и најосновни врски со нејзиниот народ. Можеме само да се надеваме дека ова срамно молчење наскоро ќе биде прекинато. Ви благодариме.
Вардан Тозија, Трулс Лие, Мара Прохаска Марковиќ
НАГРАДА „СЕЦКАН КРОМИД“ – „Машина за шиење“ на Уло Пиков
Нашето жири едногласно ја донесе одлуката да му ја додели наградата за најдобар краток филм на ова неверојатно дело. Чудо од кратка форма, овој 17-минутен филм целосно нѐ пренесе во приказна што оддава искрена почит кон сите прабаби, самохрани мајки и работнички жени, кои минувале низ тешкотии преку мноштво превирања и куп трагедии – и успеале да одгледаат нови генерации, живеејќи со својата досетливост, интелигенција и чиста решителност да преживеат низ двете светски војни.
Филмот зборува на повеќе филмски јазици, водејќи и прикажувајќи широка палета на уметност и занает, со висок степен на мајсторство во раскажувањето, споделувајќи со нас едно епско патување раскажано во ритам што е древен и вечен.
Наградата „Сецкан кромид“ за најдобар краток филм му се доделува на филмот „Машина за шиење“ од Уло Пиков.
НАГРАДА „СЕЦКАН КРОМИД“ – ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ „Во свој филм“ на Инес Јокош
Нашето жири сака да додели почесно признание на филм што прикажува што најдобро може да произлезе од филмската соработка помеѓу режисерот и протагонистот. Преку кореографијата на нивните објективи, тие заеднички создаваат портрет кој умешно му покажува на гледачот дека светот не е составен само од светлина и сенка. Овој полн со љубов, духовит и трогателен филм великодушно нѐ поканува да се вплеткаме во секојдневниот живот на едно цврсто поврзано семејство – играјќи, чудејќи се, замислувајќи како нивните живописни внатрешни пејзажи не само што го прават светот околу нив поподнослив, туку исполнет со радост, љубов и смеа, како интерпретација низ чувството на неограничена внатрешна визија.
Почесното признание во категоријата за краток филм му се доделува на „Во свој филм“ на Инес Јокош.
Памела Кон, Игор Прасел, Габриела Даниелс
НАГРАДА „КОКАРЧЕ“ – „Исповед“ на Ребека Бижубова
Користењето на филмот како алатка за соочување со најголемите стравови е огромен предизвик, но кога му се пристапува директно може да биде ослободувачко и да ве омоќи.
Со комбинирање на јасна визија и одлична умешност во користењето на филмскиот јазик, особено звукот и интимната поставеност на камерата, авторката создава фасцинантна приказна што силно одекнува кај гледачите и претвора едно лично трауматично искуство во колективно.
За нејзиниот смирен, но чувствителен и храбар пристап кон една многу деликатна и важна тема, наградата „Кокарче“ му се доделува на филмот „Исповед“ од РЕБЕКА БИЖУБОВА.
Дина Покрајац, Танос Ставропулос, Неда Миланова