Мастеркласови
Мастеркласови
Мастерклас на „Solar Cinema“ и Патувачкото кино на „MaкеДокс“
Носиме невидени филмови на необични места
Датa: Август 23, 2025
Време: 11:00 – 13:00
Локација: Лабораториум
Како можеме да донесеме филмови на места каде што никогаш порано не постоело кино? Како да се осигураме дека моќните приказни ќе стигнат и до најоддалечените делови на нашите општества? И како да го направиме тоа на одржлив, инклузивен и поетичен начин?
На овој исклучителен мастерклас ќе се здружат две визионерски киноиницијативи—мрежата „Solar Cinema“ и Патувачкото кино на „МакеДокс“. Заедно тие ќе истражуваат колкав потенцијал има киното во децентрализирање на културата и демократизирање на пристапот до уметноста.
„Solar Cinema“ е меѓународна мрежа на мобилни кина што користат соларна енергија, посветена на промоција на обновлива енергија и проширување на пристапот до кино. Користејќи 100% соларна енергија, тие организираат проекции на отворено во јавни простори по зајдисонце – целосно самостојни и надвор од електричната мрежа. Патувајќи преку граници и низ различни пејзажи, тие носат невидени филмови на необични места.
На другата страна од Европа се наоѓа филмскиот карван на патувачкото кино на „МакеДокс“ предводен од едно магаренце кое патува насекаде низ руралните области на Северна Македонија. Со рачно изработено платно, поетски дух и силна верба во моќта на раскажувањето приказни, тимот на „МакеДокс“ секое лето посетува 7–10 нови села во Македонија – понекогаш дури преминувајќи ја и границата со Албанија. Проекциите на „МакеДокс“ под отворено небо досега собрале над 13 000 луѓе во публика, на повеќе од 100 локации каде што киното одамна било заборавено или никогаш не постоело.
На овој мастерклас, креаторите на двата проекта ќе ги споделат своите видувања, предизвици и спомени од патешествијата. Заедно ќе размислуваат за киното како инструмент за општествена вклученост, катализатор за разговор и носител на светлина – понекогаш во буквалната смисла на зборот.
Очекувајте приказни за магариња, соларни панели, љубопитни мештани, преминување граници, поезија, кромид – и многу љубов кон документарните филмови.
Мастерклас од Хуберт Зауфер
Радикален минимализам во „светската кинематографија“
Датa: Август 24, 2025
Време: 11:00 – 13:00
Локација: Лабораториум
Во последните три децении, режисерот, снимател и сценарист Хуберт Зауфер има создадено документарни филмови кои стекнаа светско признание и беа повеќекратно наградени на фестивали како Венецискиот, „Берлинале“, „Санденс“, а филмот „Кошмарот на Дарвин“ беше номиниран за Оскар за најдобар документарец.
Хуберт се обидува да го сведе чинот на создавање документарен филм на обично „ништо“: од крајот на 1990-тите години, во Конго и Танзанија, тој отфрли речиси сè што се смета за неопходно во филмската продукција: без стативи, без вештачко осветлување, дури и без звучен тим. Само минимум опрема: една мала, но висококвалитетна камера и еден одличен микрофон. И неопходното: долги периоди на пишување, размислување, истражување… Време за среќавање, запознавање и она најважното: ликовите.
Правењето филм на ваков начин е како пишување поезија или роман, или како доживотно медитирање.
„Кога ќе се вклучи камерата, не постои ништо друго во светот освен очите, здивот, мислите, насмевките или солзите на протагонистите“, вели режисерот. Магијата не се случува покрај камерата, туку токму преку нејзиното присуство. Луѓето во филмовите на Хуберт гледаат директно во очите на публиката, а ефектот е хипнотизирачки. Секој филм станува длабоко и енигматично патување, еден вид филм во движење.
На овој мастерклас за млади филмаџи(к)и и љубител(к)и на киното, Хуберт ќе открие некои ретки тајни на своите методи, како на пример како е да се „пишува во движење“ — буквалното значење на зборот „кинематографија“ (cinema tography).
Режисерот, исто така, ќе зборува за политичкиот филм и менталната екологија. Како да останеш ментално присебен во овој луд свет… како да гледаш во бездната – без бездната да ти возврати со поглед. И како да засадиш јаболкници и разни други видови живи суштества.