Патувачко кино 2019
Во еден османлиски дефтер на Охридскиот санџак од 1583 Радожда се појавува под името Радохожда, а ние само се држиме до тоа, радо одиме натаму.
А и минатата година се дрзнавме да се споредиме со јагулите кои упорно ги совладуваат сите препреки да стигнат по Дримон до езероно, па редно е сега да останеме на зборот и да го досонуваме Дримон. Да бидеме упорни како нив. А и не бендиса! Сфативме зошто се мачеле пустите. Убо е! Годинава сме пак покрај двете наши најголеми води. И така со полузамаглен поглед гледавме во далечините Преку езерото кога во некој миг на сиеста или глуво доба, ќе чуеш глас дури отаде, па се прашуваш, кои се тие луѓе, како изгледаат, како живеат?
Сега ќе им одиме на гости, на некои сефте на некои повторно, со помош на Агенцијата за филм, германската амбасада и овозможено од Фондацијата Западен Балкан, ќе се дружиме со луѓето на кои езерото им е и благослов и проклетство. Годинава, со многу гости ширум европата ќе пуштаме филмови и ќе се дружиме во: Лабуништа, Бучимас, Вишни, Драслајца, Пустец, Луково и Лин.
Не знаете каде се? Не се гледаат од Карпош или Аеродром. Гуглајте, или гледајте слики и хроники, а за вистинско доживување – дојдете на проекција и дружба. Тука воздухот, водата и рибите се свежи а стисокот на раката цврст и полн со поддршка. Времето тече субјективно, а имаат и бурек со кромид!