Мастеркласови
Мастеркласови
Мастерклас со Мила Турајлиќ
Верба во процесот: Режисер(к)ите во собата за монтажа
Правењето документарен филм е како конструирање прототип: за секој филм мора да се исцрта поинаков пат и одново да се изнајде процесот на соработка. Внатре во монтажерскиот пансион се развива една фантастична врска меѓу монтажерот/ката и режисерот/ката и уште по една меѓу секој/а од нив и материјалот. Пронаоѓањето филм во суровиот материјал, штелувањето на сетилата според неговата поезија и предизвикувањето на хаосот да се изнајде структура, сето тоа се претвора во патување кое никогаш нема да се повтори на истиот начин во два различни филма. „Сцени од фондот на Лабудовиќ“ започна како проект за единичен долгометражен филм и во текот на две години се разви во документарен диптих од два филма, секој со своја лична форма и начин на раскажување. Земајќи предвид што функционираше, а што не, како и кога монтажерскиот пристап се приспособува на потребите на приказната и како релацијата кон отсутната публика е неминовно присутна при секоја размисла, учењето да му се верува на процесот станува вредно колку и самиот исход од него.
Биографија:
Мила Турајлиќ е авторка на документарни филмови, родена во Белград, Југославија. Нејзините најнови филмови, „Сцени од фондот на Лабудовиќ: Неврзаните“ и „Филмските герили“ беа премиерно прикажани на Интернационалниот филмски фестивал „Торонто“ (Toronto IFF) и ИДФА (IDFA) во 2022 година. Претходниот филм на Турајлиќ, „Другата страна на сė“ (The Other Side of Everything) имаше премиера на Интернационалниот филмски фестивал „Торонто“ во 2017 година и продолжи со прикажување, добивајќи 32 награди, вклучително и престижната „Награда за најдобар документарен филм“ на ИДФА. Истиот филм беше специјален избор на критичарите на „Њујорк тајмс“ (New York Times Critics’ Pick) и означен како еден од најдобрите филмови во 2018 година од Ричард Броди (The New Yorker’s Richard Brody). Филмот ја воспостави првата копродукција меѓу „Ејџ-би-о Јуроп“ (HBO Europe) и Србија и имаше рекордно прикажување во кината низ Србија. Дебитантскиот документарец на Турајлиќ, „Синема комунисто“ (Cinema Komunisto) имаше премиера на ИДФА (IDFA) и на Филмскиот фестивал „Трибека“ (Tribeca Film Festival) и стана добитник на 16 награди, меѓу кои и наградите „Голд хуго“ на Интернационалниот филмски фестивал „Чикаго“ (Chicago Int’l Film Festival) во 2011 година и наградата ФОКАЛ (FOCAL) за креативна употреба на архивски снимки. „Синема комунисто“ беше прикажуван низ кината во Франција, Велика Британија, Италија, Словенија, Хрватска и Србија и беше емитуван ширум Европа.
Работејќи со архивски снимки, Мила го истражува пресекот на личната и националната меморија, секогаш стремејќи се кон оживување на заборавените истории, преку форми што се протегаат од предавања и видеоуметност до аналитички есеи. Во 2018 година, таа беше повикана од Музејот за современа уметност во Њујорк (MoMA) да направи серија видеоинсталации базирани врз архивски снимки за нивната значајна изложба на тема „Југословенска модернистичка архитектура“. Во 2020 година, Мила беше наградена со стипендија на Институтот за идеи и имагинација при Универзитетот Колумбија (Columbia University’s Institute for Ideas & Imagination) за да го продолжи својот долготраен уметнички истражувачки проект „Снимки од вестите на неврзаните“, длабоко проникнување во архивските материјали кои резултираат од филмските соработки меѓу Југославија и делот од светот во тогашниот процес на деколонизација. Проектот беше избран за престижната програма „Cph: Lab“ во 2021 година, додека видеоделата и изведбите од проектот беа прикажани на „Берлинското биенале“ (Berlin Biennale),„Белградското биенале“ (Belgrade Biennale) и „ИДФА он стејџ“ (IDFA on Stage).
Мила е членка на групата „ТЕД фелоус“ од 2021 година, а истата година била поканета да се придружи на Документаристичкиот огранок на оскарите при Академијата за филмска уметност и наука (Oscars Documentary Branch of AMPAS). Во 2021 година Мила беше одликувана со орден за „Витез од редот на уметностите и книжевноста“ (Chevalier des Arts et des Lettres) од Владата на Република Франција.
Разговорите ќе ги води Виктор Еде, продуцент (Cinephage Productions, Франција).
Мастерклас со Владимир Гојун
Монтажа на креативни документарни филмови: разбирање на она што го нуди материјалот
За време на разговорот воден од Петра Селишкар, ќе се обидеме да најдеме одговори на некои важни прашања:
Која е улогата на монтажерот во еден документарен филм и која е улогата на режисерот? Можете ли да правите нешто друго освен монтирање? Какво е чувството да се биде заглавен/а во последната фаза од монтирањето? Не сте сигурни дали на композицијата ѝ е потребно преобмислување? Не можете да се ослободите од омилените места и кога и како да го убедите режисерот да заборави на најдрагата сцена? Кому му треба помош при монтирањето кога е потребна уште една личност за монтирањето? Кога сте способни да го изложите своето дело за коментари, проблематизирања, размена на гледишта, искуства и креативни интереси кои, се надеваме, би ве донеле поблиску до најдобрата верзија на вашиот филм? Кога е филмот подготвен да се прикаже пред публиката?
Владимир Гојун (роден 1979 во Дубровник, Хрватска) завршил филмска монтажа на Академијата за драмски уметности во Загреб каде што моментално работи како доцент.
Тој е монтажер на меѓународно признати долгометражни филмови („Бујик ривиера“, „Зад стаклото“, „Ме носиш“, „Рударот“, „Мажите не плачат“, „Жабата“, „Сосема сам“, „Мурина“), документарни филмови („Плати и жени“, „Хјустон, имаме проблем!“, „Кралот“, „Русинот“, „Мојот превртен свет“, „Стил мил кафе“, „Ништо нема да биде во ред“, „Иследникот“), краткометражни филмови („Жолта месечина“, „Здив“, „Црвено светло“, „Вистинската вистина за борбата“) и експериментални филмови („Од – до“, „Првиот здив“). Режирал и четири документарни филмови („Циклуси“, „Времиња на големата депресија“). За својата работа како режисер и монтажер освоил голем број награди во својата земја и во странство.